
“Зарем треба да се испие сето море за да се сфати дека неговата вода е солена?”Логотетот се насмеа гласно, а тоа смеење му се зариваше на Отец Стефан во срцето; жилата му скокаше на вратот и во еден миг помислив дека можеби ќе пукне и ќе почне да прска крв на сите страни.
Логотетот се така еднакво се смееше, и веќе стануваше непријатно, тоа го почувствува и Филозофот и продолжи: “Оче Стефане; ако секој ден чиниш чтение, од утро до мрак, и така правиш шеесет години, колку чекори книги од твојата библиотека можеш да прочиташ? Не повеќе од еден или два чекора. А Вашата библиотека сигурно има над илјада чекори, кога ќе ги обиколиш сите ѕидови. Но тоа незначи дека незнаеш, оти знаењето не се мери во чекори; ако беше така, оној кој везден чекори и си нема друга работа освен да не става во искушени, ќе беше најумен, асикрит на сите асикрити!”
Стефан беснееше, се престоруваше во гуштер одвратен, во молец што ги јаде јаслите сопствени. Пелазгиј веќе сосема побледе и само јас видов дека дланката од десната рака на Писмородецот му се стега под ризата во тупаница. А Филозофот се така еднакво продолжуваше да говори, спокојно, кротко, смерно, но строго и праведно, со зборови болни, но точни. Оти кажано е: непријателот твој е најдобар лекар на мааните твои, оти подобро ги гледа од пријателот, кој од учтивост или ласкање никогаш отворено нема да ти ги изглаголи. А ти учи од него, оти тоа што го глаголи не е отров: та нели отровите, во мали дози, во капки само, како и мојата ука на преподавање сказанија, се користат како лекарства за болки? Непријателот твој, оче Пелазгиј, е лекар за твојата душа, но ти тоа не го виде, не го позна тогаш. А Филозофот продолжи: “Освен тоа, срцето води подеднакво кон Бога колку книгите. Како што никој никогаш не го вдишил целиот воздух во себе, така ни умот не може во себе да го собере цело знаење. И конечно , ако човек чини чтение до последниот здив, тој бездруго ќе знае многу, но не ќе има време таа ука да ја преподаде во последниот, претсмртен миг на друг, оти мигот е пократок од часот, часот од годината, а годината од животот; така, ако се чека смртниот час за да се каже уката, таа ќе замине со мудрецот на оној свет, и никој нема да знае дека тој знаел.”